Алојз Разпет: „Лани кај мене дипломираше професорка по географија и италијански. Денес работи како машински инженер.“

Разговор со Алојз Разпет, претседател на Унијата на виши стручни школи на Словенија и директор на Вишата стручна школа при Училишниот центар Цеље.

Вишата стручна школа (ВСШ) при Училишниот центар Цеље во текот на двегодишните студиски програми оспособува инженери по градежништво, машинство, мехатроника и автосервисен менаџмент. Поради тесната поврзаност со стопанството, дипломираните од овој центар никогаш немале проблем при барањето работа, а денес компаниите одат директно во Школата за да ги вработат. И тоа не само домашни компании, туку и странски.

– Имате секојдневни контакти со стопанството кое има потреба од кадри…

– Кога ми се најави директорот на фирмата Цељски сувомеснати производи (Celjske mesnine), се запрашав зошто не оспособуваме месари… Тогаш тој кажа дека има околу десетина месари, и дека има потреба од други кадри за преостанатите технолошки процеси, за програмирање на опремата. Според нашето искуство, стопанството пред сè има потреба од технички кадри. За другите училишта, тоа се однесува на сите видови кадри, и на кадри од општествените науки, кои не смееме да ги занемариме.

– Но, тоа не е доволно…

– Да. Проблемот не е во тоа што компаниите во технолошкиот процес не се способни да воведуваат најсовремени технологии, ниту во тоа дека не можат да изградат фабрики и да набават опрема, не, проблемот се јавува кај кадрите. Тоа го слушаме и го осеќаме, тоа е клучниот проблем.

– Дали е вистина дека нема потреба од неквалифицирани работници, туку од професионално оспособени од сите степени?

– Да, образован кадар…

– Покрај тоа што сте директор на виша стручна школа, вие сте и претседател на Унијата на словенечките виши стручни школи. Како потребите на пазарот се проектираат во училиштата?

– Во нашата виша стручна школа, со програмите што ги имаме уште од пред повеќе од 20 години, добро ја воспоставивме врската со стопанството и со неговите кадровски потреби. Образованието го поставивме во училиштето и во стопанството, така што 40 проценти од програмите се изведуваат како учење со работа во текот на работниот процес. Студентите добиваат знаење додека работат, и штом работодавецот соработува во овој процес, резултатот од образованието е поинаков зашто работодавецот го дооформува тој резултат. Тој најдобро знае што му треба, па затоа студентот го насочува во практичната работа, зашто тој подоцна ќе работи кај него. Не станува збор само за практично образование, туку и за проектни работи, семинарски и дипломски работи, кои сè уште ги имаме.

– Зошто го сочувавте тоа?

– Високото образование се обидува да ги отфрли дипломските работи, зашто со тоа има доста работа. Кај нас, на нашите програми по градежништво, машинство, мехатроника и автосервисен менаџмент, дипломската работа е ориентирана кон решавање на реални проблеми. Студентот темата на дипломската не ја добива во Школата, туку ја предлага заедно со компанијата. Не станува збор за научно-истражувачка работа, ами за апликативна задача. Не станува збор за анкети, туку за точно определен проблем, што го има компанијата. Тој проблем компанијата го поставува како дипломска работа, и така добиваме решение на проблемот. Добиваме конкретен производ што студентот може да го покаже, добиваме подобрувања, иновации… со здружување на потребите на стопанството и знаењето на нашите предавачи, доктори на науки, кои ја владеат научната работа.

– Веројатно во период на конјунктура, со изведувањето на практичната работа нема проблем. Дали за време на кризата беше потешко да се најдат места за студентите во стопанството?

– Не. Ниту во периодот на рецесија, кога имаше помала потреба од кадри не го почувствувавме тоа. Можеби малку во градежништвото, кое кризата најмногу го погоди, па пропаѓаа градежните фирми. Но, се отвораа помали фирми, кои веднаш го преземаа кадарот од големите фирми и така се јави празен простор. Фирмите кои беа свесни што ќе следува, имено она што го имаме денес, значи недостаток на кадри, и во кризните времиња се грижеа за кадровската иднина. Ниту еден наш студент никогаш не останал без пракса, иако и ние им даваме совет сами да почнат да си бараат пракса. Така, студентите го започнуваат своето кариерно планирање, одат по фирмите, се претставуваат и лично бараат пракса. Студентот се враќа со изјава дека ќе го земат во фирмата, и потоа фирмата, Школата и студентот склучуваме трилатерален договор.

– Најчесто станува збор за помали работодавци?

– Не, за секакви. Фабриката за цинк Цеље секоја година зема неколку студенти од програмите по градежништво, машинство, мехатроника. Ја покриваме и Горење, во која редовно имаме по седум-осум студенти. Студенти имаме и во мали и во средни фирми. Големите фирми кадровски се подобро структурирани, имаат политика на менторство, на образование, а на помалите мораме повеќе да им помагаме при организацијата и изведбата на практичното оспособување. На крајот добиваме оцена за нашите студенти, и таа оцена е секогаш во суперлатив. Сега дури и сведочиме на ситуации кога работодавците по десет недели пракса сакаат да ги задржат нашите студенти. Со нив склучуваат договори, и кога студентите имаат време, и натаму одат во фирмите. Особено сега, кога кадровските потреби се големи, тие ситуации се почести.

– Дали условите се слични и на другите виши стручни школи?

– Сите 47 виши стручни школи што сме обединети во унија, изведуваме 33 различни програми. Некои имаат и општествени програми, и не е голема разликата во однос на потребата за нивните дипломанти и за оние од техничките студии. Работодавците кратко време беа убедени дека нема да имаат потреба од технички секретари и секретарки, а денес бараат и такви кадри. Покрај тоа, дел од нашите слушатели и студираат и работат, а ние им го признаваме работното искуство. Секако, ако некој работи во трговија, не му го признаваме искуството за студиите по машинство… Такво практично знаење во текот на студиите мора да стекне; или во својата фирма или на пракса во друга фирма додека е на годишен одмор.

– Дали работодавците често се незадоволни од вашите кадри?

– Програмата на вишата школа е само две години. Понекогаш некој работодавец ги преценува очекуваните знаења на нашите дипломанти. Иако студиите се модуларни, а тоа значи дека студентот може да ги комбинира модулите, и тоа во договор со работодавецот, иако имаме изборни предмети, иако дел од курикулумот е отворен и можеме потребите да ги прилагодиме спрема конкретен работодавец, не сме толку специјализирани да можеме да го покриеме сето знаење.

– За кои профили моментално има најголема потреба?

– Младите најмногу се интересираат за машинство и информатика, т. е. компјутери и мехатроника. За овие три подрачја се интересираат и младите и работодавците. И важно е да се истакне дека и странски фирми ги бараат нашите кадри.

– По кадри кај вас доаѓаат и странски фирми?

– Да. Есеноска кај нас беа претставници од Volvo Trucks од Шведска и нивните претставници во Словенија: кадровската директорка, кадровската директорка за Југозападна Европа, генералниот директор на Volvo во Словенија… Во странство слушнале дека изведуваме програма по автосервисен менаџмент и сакаа да нè запознаат. Малку беа разочарани што имавме само 14 запишани студенти, зашто тие веднаш сакаа да ги земат сите. Но, сите наши студенти веќе беа вработени. Меѓутоа, се случува и да заминуваат во странство. Токму сега еден наш студент на програмата по мехатроника, кој предвреме дипломира, заминува за Германија.

– Кај вас се запишуваат и студенти кои завршиле прв степен по Болоњскиот систем, а и магистри…

– Да, и такви со универзитетско образование. Лани кај мене, на програмата за машинство, дипломира една госпоѓа со две дипломи од Филозофскиот факултет, професорка по географија и италијански. Денес работи како машински инженер. Денешните професии во машинството се занимаваат со компјутерски технологии во производството и тие работни места се посакувани. Девојките сè уште ги избегнуваат тие работни места, но управувањето на компјутерски машини денес за нив е прифатливо. Во нашето училиште можеби има една, две жени, а во Македонија дури половина се жени зашто мажите заминуваат во странство. Еден наш предавач беше на размена во Македонија и таму доста девојки студираат мехатроника, а и предавачите им се жени.

– Може да се каже дека со вашите програми вработувањето е осигурано. Дали се зголемува интересот на младите за вашите програми, дали квотата ви е пополнета?

– Не. Најмногу поради тоа што нашиот образовен систем е предимензиониран. Денес во високото образование се распишани 18000 места, во вишото – 10000, а годинашнава генерација брои само 17000 млади и вонредни студенти. Но, сепак трендот почнува да се менува, младите сè повеќе се одлучуваат за технички средношколски четиригодишни програми, а за професионални струки – уште не. На средношколско ниво во Цеље, веќе имаме ограничување на уписот на сите технички програми.

Интернет-врска: delo.si