Ден на Факултетот за туризам при Универзитетот во Марибор

Факултетот за туризам при Универзитетот во Марибор ја прослави 9-годишнината од своето постоење со приредба во факултетската аула, каде што им поделија признанија на најдобрите студенти, педагози и на дипломираните на Факултетот.

Со своја музичка точка на почетокот се претставија учениците од Музичкото училиште Брежице. Потоа деканот вонредниот проф. д-р Боштјан Брумен во својот говор ги нагласи важноста и придонесот на секој студент, зашто со нив установата расте и по величина и по квалитет.

Деканот им додели награди на најдобрите студенти од минатата академска година. Студентите кои во академската 2017/2018 година постигнале највисок просек се: Илина Ѓорѓиевска, Никола Станковиќ, Саша Канцлер, Ања Лукан, Петра Микулчиќ и Аленка Валентинц.

Највисоката награда на Факултетот за туризам – Зелен компас за 2017 година, ја доби Јанко Вирант. Споменатата награда секоја година му се доделува на најдобриот дипломиран студент, кој во текот на студиите сестрано бил активен, и кој придонел да се препознаат факултетот и универзитетот на локално, регионално и меѓународно ниво. Со ова, сакаат да поттикнат квалитетна студиска и истражувачка работа кај студентите, која придонесува за стручен и личен раст на студентите и за углед на факултетот како образовна и истражувачка установа.

Според мислењето на Студентскиот совет на Факултетот за туризам, кое се заснова на спроведена анкета, наградата за најдобар педагог на Факултетот за туризам за минатата академска година ја доби доц. д-р Андреја Трдина.

Приредбата заврши со заедничка фотографија и со пријатно неформално дружење на наградените и на гостите.

Интернет-врска: um.si