Наградата „Јаболко на квалитетот“ за Универзитетот во Марибор

Министерството за образование, наука и спорт и Центарот на Република Словенија за мобилност и европски образовни програми и обуки ги доделија веќе традиционалните признанија „Јаболко на квалитетот 2018“, со кои секоја година ги наградуваат најдобрите резултати во рамките на меѓународната соработка. Универзитетот во Марибор доби награда во дури две категории – за успехот во програмата ЕРАЗМУС+ за високошколско образование и за посебни достигнувања во меѓународната соработка во програмата ЦЕЕПУС.

На Отсекот за меѓународна соработка при Универзитетот во Марибор, во соработка со ЕРАЗМУС+ координаторите на единиците на Универзитетот во Марибор, користат стратешки пристап кон проектите за мобилност и систем за поддршка, и така ги следат потребите на студентите и на вработените. Се прилагодуваат на тие потреби, а истовремено ги почитуваат правилата на програмата и договорните обврски. Потребите на студентите и на вработените ги препознаваат во средината и ги адресираат со соодветни проекти.

„Јаболко на квалитет 2018“ за посебни достигнувања во меѓународната соработка доби мрежата Арс-Техне. Арс-Техне: Креативно обликување и иновативност е мрежа во рамките на програмата ЦЕЕПУС, која минатата година обележа 20 години активно функционирање. Оваа мрежа на Универзитетот во Марибор е една од најстарите во програмата, и има одиграно значајна улога во текстилното образование и во зацврстувањето на мобилноста во меѓународната соработка.

Интердисциплинарниот концепт на оваа мрежа се препознава и во ЦЕЕПУС зимската школа Design Week. На оваа школа се застапени научни и уметнички дисциплини, во вид на предавања и работилници. На овој начин, студентите се среќаваат со теоретските и со практичните перспективи на креирањето. Од клучно значење е отвореноста кон различни дисциплини, што овозможува интеракција меѓу науката, уметноста и општеството, развој на нови идеи и нивна апликација во реалната средина.

Интернет-врска: um.si