Повеќе од напиток: историја и култура на пиењето кафе во Словенија

Словенија е земја со многу љубители на слатки и кафе. Без да се претерува, може да се каже дека овој ароматичен напиток е еден од националните брендови. Можете да најдете пријатни кафулиња во било кој дел на Словенија, каде кафето се подготвува со многу љубов, за секого и за сечиј вкус.

Photo: Кафетерија „Европа“/Miško Kranjec, hrani: MNZS

Првото одобрение за отворање на кафетерија во Љубљана го добило друштвото „Казина“ во 1782 год., вели етнологот и културолог Божидар Језерник во својата книга „Кафе, чудотворен напиток“ (ориг. „Kava, čudežni napoj“). Кон крајот на 18-от век во Љубљана веќе работеле пет кафетерии. Во втората половина на 19-тиот век тие станале уште почести, а се појавиле и објекти од повисоко ниво – за претставниците на аристократијата и кафетерии за обичните граѓани. Во суштина, тие служеле како клубови во кои луѓето освен што комуницирале и разменувале вести, исто така читале весници, играле домино, шах, билијард и бриџ.

Photo: Вила „Европа“ на фотографија од 1975 година/Marjan Ciglič, hrani: MNZS

Посебно место во историјата на словенечките кафетерии зазема „Европа“, кафетеријата во центарот на Љубљана. Во 1633 година градските власти на тоа место отвориле кафана. Потоа на истата локација работело кафулето „Zum goldenen Kreuz“, кое заедно со парцелите кои му припаѓаат, во 1867 год. било одкупено од хотелиерот и поседник Лука Тавчар. Тој го срушил стариот објект и, според нацртите на виенскиот архитект Карл Тиетц, на раскрсницата помеѓу тогашната улица Марија Терезија и Дунајска улица, била изградена вилата „Европа“. Во нејзина близина се појавила и истоимена кафетерија која станала една од најпознатите во градот.

Photo: Тавчаревата палата во која се наоѓала кафетеријата „Европа“, 1925 год/All images from Wikipedia, public domain

Нејзината фасада и внатрешност биле уредени според виенски стил, а објектот се одликувал со богат ентериер и одлично ниво на услугата. Во исто време, кафетеријата добро комуницирала со надворешниот свет: имала големи стаклени прозорци и била сместена на раскрсницата на две клучни градски рути. „Европа“ главно ја посетувале претприемачи, трговци, официјални лица, уметници, правници, наставници, студенти и политичари, а наутро дамите и постарите лица. Редовните гости имале резервирани места. Посетителите биле послужувани со бело и црно кафе и капучино, а на менито се наоѓале и какао, чај, ликери, топло чоколадо, пунч, грог, англиски и виенски појадок, лепињи, колбаси, пецива и десерти. Кафетеријата била позната и по својот сладолед.

Во 20-тиот век, кога изреката „времето е пари“ добила повеќе на снага, долготрајните дружења со филџан од омиленото кафе и читањето на весници, станале недопустлив луксуз за луѓето. „Европа“ како кафетерија престанала да постои, но сеќавањето на неа и натаму живее. Истоимената зграда е сочувана – во неа ќе биде сместена канцеларијата на „Turkish Airlines“, а објектот е планирано да се користи и во угостителството.

Без претерување, кафето во Словенија е дел од историјата и елемент на националната култура. Просечен Словенец годишно испива 500 филџани од овој напиток. Особено е популарно помеѓу студентите, посебно моќното кафе, што е и разбирливо: во текот на испитните рокови е нивно главно „гориво“ (повеќе за корисните својства на кафето можете да прочитате овде). Младите во Словенија велат: „Филџан кафе на ден го јакне здравјето и ја намалува мрзеливоста“, иако всушност просечниот студент испива не еден, туку три филџани кафе на ден.

Студентите се чести гости во словенечките кафулиња – по правило тоа се помалите кафулиња, но и поголемите и поугледните не остануваат без нивното внимание – на пример кафе барот „TOZD“, „Čokl“ и „Moderna“ во Љубљана, кафе-слаткарницата „Teta Frida“ во Марибор, „Loggia Caffe“ во Копер. Кафето во Словенија е и по пристапни цени: еден филџан ќе ве чини од 1 до 2 евра.

Интересно е што денот на почетокот на школската година на словенечките универзитети – 1 октомври – се поклопува со Меѓународниот ден на кафето. Покрај тоа, на денешен ден, почнувајќи од 2015 година, во градот Птуј се одржува единствениот фестивал на кафето кој комбинира историски, културни, општествени и кулинарски елементи поврзани со употребата на овој пијалок. Фестивалот го пратат и бројни културни и образовни случувања, а се одликува и со богата понуда од локалните угостителски и туристички објекти, затоа топло се препорачува за посета.

Но, во случај и да не можете да присуствувате на фестивалот, во Словенија нема да останете без вкусно кафе. Во следната статија ќе пишуваме за најдобрите „места за кафе“ во различните градови од земјата, а сега ќе ве израдуваме со список на прекрасни словенечки кафулиња кои и во овие услови веќе ги отворија своите врати за посетители:

  1. „Le Petit Cafe“, Љубљана
  2. „Hiša kulture“, Шмартно, Брда
  3. „San Martin“, Шмартно, Брда
  4. „Terasa GHB“, Бернардин
  5. „Cafe Central“, Порторож
  6. „Kavarna Triglav“, Копер
  7. „Hranilnica prekmurskih dobrot“, Мурска Собота
  8. „Grad Murska Sobota“, Мурска Собота
  9. „Minattijeva kava“, Словенске Kоњице

и многу други…

Следете не!

Извори: siol.net, ptuj.info, student.si, citylife.si, student.si, facebook.com