Повторен старт на авионскиот патнички сообраќај во Словенија

Владата во понеделникот одлучи дека нема да ја продолжи забраната за меѓународни редовни и чартер летови. Според тоа, од денес повторно се дозволени летови од ЕУ и другите држави, на трите меѓународни аеродроми во Словенија (Љубљана, Марибор и Порторож).

Photo: pixabay/JESHOOTS-com

Од канцеларијата за комуникации на владата известија дека од средината на месец март, кога беше запрен меѓународниот авионски патнички сообраќај во Словенија со цел да се запре ширењето на новиот корона вирус, беа донесени бројни превентивни мерки за аеродромите и превозниците, така што забраната за вршење меѓународен воздушен превоз веќе не беше потребна.

На аеродромот „Јоже Пучник“ во Љубљана ја поздравуваат оваа одлука, а авионските превозници сега ќе можат да ги направат своите планови за летање во летната сезона. Во последните неколку денови беа преземени сите мерки за безбеден старт на патничкиот промет. Патниците ќе мора да се движат на оддалеченост од 1,5 метри, да се дезинфицираат пред секој влез во патничкиот терминал каде пак бројот на патници ќе биде преполовен, а задолжително ќе биде носењето на маска или друг вид на заштита.

Авионските превозници веќе ги откажаа сите летови за до крајот на мај, така што најверојатно патничките летови на словенечките аеродроми ќе започнат од јуни.

Извор: 24ur.com