Пратениците го потврдија првиот пакет на мерки за помош на економијата

Парламентот на вонредна седница и по брза постапка донесе повеќе закони кои имаат за цел да ги ублажат економските последици од епидемијата на новиот корона вирус. Мерките меѓу другото се насочени кон зачувувањето на работните места, снабдувањето со прехрамбени производи и олеснувања за претпријатијата.

Имено, донесен е закон според кој во случај на влошување на ситуацијата поради епидемијата со корона вирусот, би се овозможило непречено снабдување со храна. Владата ќе има можност да одлучува за цените на одредени групи на прехрамбени производи и да го ограничува нивниот промет.

Парламентот исто така донесе закон со кој државата би помогнала во зачувувањето на работните места во случај на пад на производството за време на епидемијата на вирусот. Доколку работниците се принудени да останат дома да чекаат за работа поради пречки во добавувањата или пак пад на нарачките, државата ќе покрие дел од трошоците за плати.

Во согласност со законот за интервентни мерки на полето на платите и придонесите, државата ќе им помага на оние работодавачи кои поради епидемијата нема да можат да им обезбедат работа барем на 30% од вработените истовремено. Во тој период работниците ќе имаат право на надоместок на платата во висина од 80 проценти од просечната плата во последните 3 месеци. Истото ќе важи и во случај кога работникот нема да доаѓа на работа поради одлука за карантин. Државата на работодавачот ќе му врати 40% од исплатениот надоместок односно, целиот износ во случај на карантин. Право на оваа помош немаат работодавачите кои се даночни должници, кои го имаат прекршувано законот или пак се во постапка поради несолвентност.

Во парламентот беше донесен и интервентен закон за одложување на обврските на корисниците на кредити, кој исто така беше подготвен од владата заедно со други мерки кои имаат за цел да се ублажат последиците од епидемијата. Одплаќањето на кредитите ќе може да се одложи за година дена.

Друг закон кој беше донесен во склоп на интервентните мерки е на полето на јавните финансии, со кој на препријатијата кои трпат штети поради епидемијата со вирусот, им се овозможуваат одредени административни олеснувања.

Овој закон на обврзниците им овозможува своите даночни пресметки за аконтации и за данок на приход од правни лица за минатата година да ги поднесат два месеца подоцна, т.е. до 31 мај 2020. До крајот на мај се поместува и рокот за поднесување на годишни извештаи за 2019 година. Доколку епидемијата до 15 мај 2020 година не се заврши, сите овие рокови може да се продолжат.

Извор: rtvslo.si