Во Марибор најавени се три огромни инвестициски проекти во сферата на образованието и науката

Градоначалникот на Марибор, Сашо Арсенович одржа средба со министерот за образование, наука и спорт Ернеј Пикало и министерот за култура Зоран Рожнич. Во текот на средбата министерот за култура ги извести за укажаната финансиска помош за изградба на нова библиотека во Марибор. Како што изјави Сашо Арсенович, буџетот за изградба на библиотеката според првичните податоци ќе треба да изнесува околу 15 милиони евра. Градежните работи се предвидува да започнат во 2020 година, по комплетирањето на целосната документација, а треба да се заврши до 2022 година.

Во својот дел, министерот за образование, наука и спорт Ернеј Пикало соопшти за двете стратешки инвестиции во Марибор со вкупна сума од 55 милиони евра. „Најважно за нас е да се изгради единствен суперкомпјутер врз база на институтот за информатички науки во Република Словенија, кој што ќе биде 8-ми по големина суперкомпјутер во Европската Унија и 35-ти во светот, што претставува наша најкрупна инвестиција во научната инфраструктура. Буџетот за овој проект изнесува 26 милиони евра“, – изјави ресорниот министер.

Втората инвестиција, која што е планирана во Марибор, „тежи“ 29 милиони евра. Сретствата ќе ги добие универзитетот од Марибор. „Станува збор за универзитетски проект, поврзан со економија, наука и развој. Овој проект веќе се наоѓа во стадиум на активна разработка. Неговата поента е купување на научно истражувачка опрема, каква што нема ниту во Љубљана ниту во Грац. Оваа научно истражувачка опрема може да ги привлече водечките научници во Марибор“ – истакна Ернеј Пикало.

Извор: vecer.com